Голем дел од Хрватска се разбуди под снег и мраз. Додека сите патишта се повеќе или помалку исчистени, снегот и лапавицата предизвикуваат проблеми за пешаците, а вистинската опасност допрва доаѓа во наредните денови – леден дожд, известува државната телевизија ХРТ.
Во многу градови во Хрватска температурата падна под -10 степени, најмногу во Горски Котар, во Мркопаљ, каде што падна дури до -25. На северозападниот дел од земјата, во Штригова, беше -21. Карловац се разбуди на -15, Загреб на -14, исто како и во Госпиќ.
Во Славонија беше малку помалку студено, во Осиек утрово се измерени -7. Минуси и на морето: во Риека 3 Целзиусови степени, а во Шибеник 2 степена под нулата. Позитивни температури се измерени само на југот од земјата, на пример во Дубровник 5 степени.
Студено време се очекува и во внатрешноста, со највисока температура претежно помеѓу -5 и 0, а помеѓу 3 и 8 Целзиусови степени на Јадранското Море, според Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ).
Голем број случаи со скршеници во Загреб
Клиниката за трауматологија на Клиничко-болничкиот центар „Сестре милосрднице“ денеска беше најоптоварената болница во главниот град Загреб, поради паѓања и скршеници на мразот. Таму медицинска помош добиле 66 лица, од кои 15 се хоспитализирани. Инаку, во 24-те часа од пладне вчера до пладне денеска, со итна состојба на оваа клиника дошле 156, а од нив 66 биле „жртви на мразот“.
По состанокот вечерва претставници на компаниите Цесте Карловац, Зеленило и Чистоќа, Зимската служба во Карловац препорача зголемена претпазливост на граѓаните поради можен мраз и замрзнувачки врнежи, со повик за отстранување на снегот од покривите на станбените и деловните згради.
Државниот хидрометеоролошки завод и Центарот за итни случаи 112 издадоа портокалово предупредување за петок поради екстремно ниски температури на воздухот и студен бран, и жолто предупредување за мраз поради студот и можно повторно замрзнување на згазениот снег.
Во Хрватска постудено отколку на Гренланд
Глобалната атмосферска циркулација оваа зима е различна од претходните години, што се одразува и на временските услови во Хрватска, изјави главниот метеоролог на ХРТ, Зоран Вакула, во разговор за централниот Дневник.
„Глобалната циркулација оваа зима е различна од претходните зими. Академик Мирко Орлиќ неодамна ми кажа дека веќе неколку дена е потопло во Гренланд отколку во Загреб. Температурите таму сега се до 10 степени, а вообичаено се многу пониски, рече Вакула, додавајќи дека глобалната циркулација оваа зима го повлекла постудениот воздух кон Европа, а не кон Канада и Северна Америка.
Тој истакна дека доста ладен воздух дошол во Хрватска, но потсети дека почетокот на годината бил над просекот.
„Кога ќе се соберат сите, првите седум дена се во просечниот опсег и температурата во континенталните делови на Хрватска е малку пониска“, рече тој.