Американската агенција за вселенски истражувања NASA размислува за рано враќање на екипажот од Меѓународната вселенска станица (ISS) поради здравствен проблем со астронаут, неколку часа откако беше откажана планираната вселенска прошетка закажана за четвртокот, соопшти агенцијата.
Портпаролката на NASA изјави дека астронаутот, чиј идентитет не го откри, е во стабилна состојба на орбиталната лабораторија. Природата на здравствениот проблем не беше откриена.
„Безбедното спроведување на нашите мисии е наш највисок приоритет и активно ги оценуваме сите опции, вклучително и можноста за рано прекинување на мисијата Crew-11“, изјави портпаролката во соопштението доцна ноќта во средата по локално време.
Враќањето на четиричлениот екипаж „Crew-11“ би било резултат на редок здравствен проблем на Меѓународната вселенска станица, каде што астронаутите обично живеат во ротации од шест до осум месеци со пристап до основна медицинска опрема и лекови за некои видови итни случаи.
NASA во претходно соопштение изјави дека „следи здравствен проблем со член на екипажот што се случил во средата попладнето“.
Во екипажот од четири члена на екипажот „Crew-11“ се вклучени американските астронаути Зена Кардман и Мајк Финке, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов. Тие се на вселенската станица од лансирањето од Флорида во август и требаше да се вратат околу мај оваа година.
Командантот на екипажот 58-гидишниот Финке, и инженерката на летот, 38-годишната Кардман, требаше да извршат шести иполчасовна вселенска прошетка во четвртокот за да инсталираат опрема.
Медицинските состојби на ISS се строго чувана тајна за NASA, а астронаутите ретко ги признаваат или јавно ги опишуваат своите медицински состојби.
Вселенските прошетки се исцрпувачки и ризични мисии кои бараат месеци обука, вклучувајќи гломазни вселенски одела и внимателно координирани инструкции додека се врзани за ISS.
NASA ја откажа планираната вселенска прошетка во последен момент и во 2024 година откако еден астронаут доживеа „непријатност со вселенскиот костум“. Американскиот астронаут Марк Ванде Хеј ја откажа својата вселенска прошетка во 2021 година поради приклештен нерв.