Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика жителите на градот да се евакуираат, наведувајќи дека околу 6.000 станбени згради во украинскиот главен град останале без централно греење.
Кличко истакна дека „исклучително тешката ситуација“ во градот е поради руските напади во текот на ноќта. Москва соопшти дека ги таргетирала објектите за производство на беспилотни летала, енергетската инфраструктура и други воени објекти низ цела Украина како одговор на обидот за „терористички напад од страна на режимот во Киев“ врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на декември.
„Апелирам до жителите на главниот град кои имаат можност привремено да го напуштат градот, каде што има алтернативни извори на енергија и топлина, да го сторат тоа“, напиша Кличко на својот Телеграм канал, наведувајќи дека нападот во текот на ноќта станал „најбруталниот“ за градот од три милиони жители во услови на украинскиот конфликт.
Според градоначалникот, речиси половина од станбените згради во Киев се без централно греење по нападите. Во голем дел од зградите нема водоснабдување. Тој рече дека градските власти „се надеваат“ дека ќе го вратат централното греење за „некои“ од погодените згради до вечерва. Ситуацијата во градот е дополнително влошена од обилните снежни врнежи и ниските температури.
Во следната објава, Кличко ги повика жителите кои имаат можности да им помогнат на помалку среќните граѓани и „да ги поканат да се затоплат или да зготват храна“. Градоначалникот, исто така, ги потсети жителите дека главниот град има околу 1.200 грејни станици, таканаречени „точки на нераскинливост“, каде што луѓето можат да се затоплат, да добијат топла храна и да ги полнат своите електронски уреди.
Русија ги засили своитеа напади со долг дострел против воената и двојната инфраструктура на Украина во последните месеци. Според Москва, тековниот бран напади доаѓа како одговор на континуираните напори на украинската војска да ја нападне енергетската инфраструктура на Русија, како и на неселективните напади врз цивилите.
Во рускиот Белгородски регион, над половина милион луѓе останаа без струја по украинските воздушни напади во текот на ноќта, според гувернерот Вјачеслав Гладков, со температури близу до нулата. Покрај тоа, над половина милион останаа без греење, а над 200.000 останаа без вода и санитација. Градот Орјол, наводно, се соочил и со тешки прекини на електричната енергија.