Швајцарското гратче закрепнува од „незамисливата“ загуба на многу млади животи во пожарот за време на новогодишните прослави, вклучувајќи седум фудбалери од локалниот клуб.
Пожарот што избувна во барот „Le Constellation“ во скијачкиот центар Кран-Монтана, преполн со гости кои го прославуваа почетокот на 2026 година, одзеде 40 животи, претежно тинејџери. Седум од загинатите беа играчи на локалниот фудбалски клуб во Лутри, идиличното гратче со околу 10.500 жители на брегот на Женевското езеро.
„Генерацијата е десеткувана“, изјави за AFP претседателот на ФК Лутри, Стефан Бизе, во седиштето на клубот. „За оние што ќе останат, ќе биде многу, многу тешко да се опорават“, додаде тој.

Во блиската црква десетици луѓе дојдоа во четвртокoт вечерта да се збогуваат со 16-годишниот Артур, јуниор во клубот. Десетици свеќи и цвеќиња беа оставени на скалите, покрај мали фудбалски топки украсени со срца.
Од другата страна на влезот, беше поставен огромен постер со цртеж од Артур и неговиот помлад брат, кој се смешка и го гушка, и зборовите: „Твојот помал брат и твоето семејство никогаш нема да те заборават“.
Артур требаше да го прослави својот 17-ти роденден. Неговата мајка, Летиција Бродар-Ситре, која самата е тренерка во ФК Лутри, јавно проговори во деновите по трагедијата од нејзината очајна потрага по нејзиниот син.
Шест млади луѓе го изнесоа ковчегот на Артур од црквата, во придружба на неговиот помлад брат. Болничари и полицајци стоеја настрана додека поминуваше погребното возило.
Погодена е целата заедница
„Беше многу важно што младите луѓе беа таму“ и можеа да зборуваат и „да ја споделат својата наклонетост кон Артур. Тие се оние на првите линии“, изјави свештеникот Ален Бруз за AFP по погребот.
Ова не беше првата заупокоена литургија на која младите луѓе присуствуваа оваа седмица, а веројатно нема да биде ни последна. Покрај седумте фудбалери, во пожарот загинаа уште неколку жители на малото гратче.
Имаше и повредени, а некои „помагаа да се спасат луѓето од Кран-Монтана“, рече свештеникот. „Тие видоа навистина вознемирувачки сцени. Тоа навистина ја погоди целата заедница“, додаде.
Набрзо по трагедијата, парохијаните поставија табла за луѓето да можат да остават пораки за поддршка или молитви на ѕидот зад олтарот.
„Почивајте во мир, мали ангели“, пишува на една, додека на друга пишува: „Мислам на тебе. Ти си мојот омилен тренер“.
„Летајте слободно кон рајот“

Уште пет играчи на ФК Лутри и натаму се во болница, а девојката на еден од нив почина.
Блиското приватно меѓународно училиште „Champittet“, исто така, ја објави смртта на некои од своите сегашни ученици и четворица поранешни ученици, од кои некои играа за ФК Лутри, според швајцарските медиуми.
„Живееме низ незамислива трагедија“, рече претседателот на ФК Лутри.
Клубот дели ленти исечени од едрата на легендарниот брод во градското пристаниште, на кои луѓето пишуваат пораки и ги врзуваат за оградата околу фудбалското игралиште.
„Вие сте деца, летајте слободно кон рајот“, пишува во една порака, украсена со цртеж на гулаб на мирот и две срца.
„Оваа иницијатива дојде од членови на нашата заедница кои рекоа дека сакаат да бидат корисни и дека треба да бидат заедно, да разговараат, да се прегрнуваат, да ги споделат своите чувства за оваа ужасна трагедија“, рече Бизе.
На погребот беа и неговата сопруга, Софија Бизе, и нивниот син, кои ги познаваа сите млади луѓе што починаа.
„Ова беа млади луѓе што ги познаваа уште од четиригодишна возраст. Сите тие повеќе или помалку се запознаа во училиште, потоа на фудбалските терени, а сега на забави“, рече Софија Бизе.