Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во петокот дека не верува дека Соединетите држави ќе употребат воена сила за да го анектираат Гренланд, предупредувајќи дека таков потег би имал сериозни последици за НАТО.
На традиционалната новогодишна прес-конференција, Мелони додаде дека е потребно „сериозно и значајно“ присуство на НАТО во арктичкиот регион, вклучително и на Гренланд.
„Сè уште не верувам во хипотезата дека САД ќе започнат воена акција за да ја преземат контролата врз Гренланд, опција што очигледно не би ја поддржала“, рече Мелони.
„Верувам дека тоа не би било во ничиј интерес. Не мислам дека би било во интерес на САД, да бидеме јасни“, додаде италијанската премиерка.
Воената операција на САД со која беше соборен венецуелскиот претседател повторно предизвика загриженост за намерите на САД кон Гренланд откако непосредно по акцијата во Каракас американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот интерес за стекнување на арктичкито остров. Белата куќа во вторникот објави дека САД разгледуваат неколку опции за преземање на Гренланд, вклучително и употреба на воена сила.
Мелони, која се смета за еден од најблиските сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа, рече дека „на сите им е јасно“ дека секој потег на САД кон Гренланд би имал значително влијание врз НАТО. Додаде дека токму затоа не верува дека Вашингтон ќе ги спроведе своите закани.
Сепак, рече Мелони дека е важно НАТО да го зајакне своето присуство во арктичкиот регион и дека ги разбира загриженостите на САД за потребата да се спречи „прекумерно мешање од други актери кои исто така би можеле да бидат непријателски настроени“.