Во подготовка е законот за забрана на пушење во сите затворени јавни простори и угостителски објекти, а цигарите ќе бидат целосно тргнати од видното поле на купувачите во маркетите, објави Телма.
Законот наскоро ќе биде ставен на јавна расправа.
Според предлог-законот пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Забрана ќе важи и во автомобил во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори.
Истата забрана ќе важи и за сите видови електронски цигари и вејп уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани тутунски производи.
„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, се наведува во предлог-законот што го изготвиМинистерството за здравство.
Со воведувањето на овие построги мерки, Македонија се стреми да се приближи кон европските стандарди за заштита од тутун, да го намали бројот на пушачи и да спречи создавање нови генерации зависници.