Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју објавено во петокот изјави дека се надева дека ќе ја „намали“ зависноста на Израел од американската воена помош во текот на следната деценија.
Нетанјаху изјави дека Израел не треба да зависи од странска воена помош, но не даде цврст временски рок за Израел да биде целосно независен од американската помош.
„Сакам да ја намалам воената помош во следните десет години“, изјави Нетанјаху за Тhe Economist. На прашањето дали тоа значи нејзино намалување „на нула“, тој рече: „Да“.
Нетанјаху вели и дека му рекол на претседателот Доналд Трамп за време на неодамнешната посета дека Израел „многу длабоко“ ја цени „воената помош што Америка ни ја даваше во текот на годините, но и тука созреавме и развивме неверојатни способности“.
Во декември Нетанјаху рече дека Израел ќе потроши 110 милијарди долари за развој на независна индустрија за оружје за да ја намали својата зависност од други земји.
Во 2016 година владите на САД и Израел потпишаа десетгодишен меморандум за разбирање до септември 2028 година, кој предвидува 38 милијарди долари воена помош, 33 милијарди долари грантови за купување воена опрема и 5 милијарди долари за системи за ракетна одбрана.
Израелскиот извоз на вооружување се зголеми за 13 отсто минатата година, а беа потпишани и големи договори за израелска одбранбена технологија, вклучувајќи напредни повеќеслојни системи за протввоздушна одбрана.
Американскиот републикански сенатор Линдзи Греам, цврст поддржувач на Израел и близок сојузник на Трамп,на X изјави дека „не мора да чекаме десет години“ за да започнеме со намалување на воената помош за Израел.
„Милијардите долари на даночните обврзници што би се заштедиле со забрзување на прекинувањето на воената помош за Израел ќе бидат и треба да бидат насочени кон американската војска. Ќе им презентирам на Израел и на администрацијата на Трамп предлог за драматично забрзување на временската рамка“, рече Греам.