Поради ниските температури и најавите за можни снежни врнежи во наредните денови, можно е привремено редуцирање на дел од автобуски линии во главниот град, информираат од ЈСП Скопје. Од претпријатието појаснуваат дека, во случај на непроодност на одредени патни правци, дел од линиите ќе сообраќаат само до локации кои ќе бидат оценети како безбедни и проодни.
„Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ќе бидеме приморани да извршиме дополнителни измени, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, наведуваат од ЈСП Скопје. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи до завршувањето на зимскиот училиштен распуст.
Во меѓувреме, екипите на ЈСП Скопје, заедно со службите на Град Скопје и локалните самоуправи, со соодветна механизација континуирано ќе бидат на терен, со цел навремено и ефикасно обезбедување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Целта на овие активности е превентивно делување и што понепречено функционирање на јавниот превоз.