Шумските пожари срамнија со земја стотици објекти низ југоисточна Австралија, објавија властите во недела, потврдувајќи ја веста за првата смрт во катастрофата.
Температурите се искачија над 40 степени Целзиусови откако топлотен бран ја погоди австралиската држава Викторија, предизвикувајќи десетици пожари кои вкупно изгореа повеќе од 300.000 хектари.
Пожарникарските екипи прават преглед на штетите додека условите се смируваат во неделата. Ден претходно, властите прогласија состојба на катастрофа. Комесарот за управување со вонредни состојби, Тим Вибуш, изјави дека повеќе од 300 згради изгореле до темел, вклучувајќи бараки и други структури на рурални имоти. Рече дека повеќе од 70 куќи се уништени, заедно со огромни површини земјоделско земјиште и автохтони шуми.
„Постепено гледаме дека некои од негативните услови се ублажуваат, што значи дека пожарникарите можат да почнат да гасат некои од пожарите што се уште се активни тука“, рече Вибуш
Полицијата пријави смрт на едно лице во пожар во близина на градот Лонгвуд, на околу два часа возење од главниот град Мелбурн.
„Навистина сочувствуваме со локалната заедница, семејството и пријателите на лицето кое почина“, изјави Крис Хардман од Управата за шумски пожари во Викторија за националниот радиодифузер ABC.
Фотографиите направени во текот на неделата го покажаа ноќното небо како свети портокалово додека пожарот во близина на Лонгвуд ги уништуваше грмушките.
„Имаше пожар насекаде и беше навистина страшно“, изјави сточарот Скот Персел за ABC. Стотици пожарникари од цела Австралија се повикани да помогнат.
Австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека разговара со Канада и САД за можна дополнителна помош.
Милиони луѓе, исто така, ги почувствуваа здравствените ефекти од топлотниот бран што ја зафати поголемиот дел од Австралија оваа недела. Високите температури и сувите ветрови се комбинираа за да создадат некои од најопасните услови за шумски пожари од таканареченото „Црно лето“, кога шумските пожари беснееја по должината на источниот брег на Австралија од крајот на 2019 до почетокот на 2020 година, покривајќи ги градовите со токсичен чад и уништувајќи милиони хектари земја и илјадници домови.
Истражувачите тврдат дека климата во Австралија се затоплува во просек за 1,51 степен Целзиусов од 1910 година, поттикнувајќи поекстремни временски услови и на копно и на море.
Австралија е еден од најголемите светски производители и извозници на гас и јаглен, две клучни фосилни горива кои се сметаат за причинители за глобалното затоплување.