Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата предложи Куба да постигне договор со Вашингтон бидејќи островската земја којаштпо е под повеќедецениски американск санкции повеќе нема да добива нафта или пари од Венецуела.
Венецуела е најголемиот снабдувач на нафта на Куба, но откако американските воени сили го грабнаа и го одведоа венецуелскиот претседател Николас Мадуро, Трамп успешно изврши притисок врз привремената претседателка Делси Родригез, која сега испраќа венецуелска нафта во САД многу повеќе од претходните испораки за кои дозвола имаше американската компанија „Chevron“.
„НЕМА ПОВЕЌЕ НАФТА ИЛИ ПАРИ ЗА КУБА – НУЛА! Искрено предлагам да постигнат договор ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social во неделата. „Со години, Куба живееше од големи количества НАФТА и ПАРИ од Венецуела“, додаде Трамп.
Американските разузнавачки агенции прикажаа мрачна слика за економската и политичката ситуација на Куба, но нивните проценки не го поддржуваат целосно предвидувањето на Трамп дека островот е „пред колапс“, објави Reuters во саботата, повикувајќи се на три изворa запознаени со доверливите проценки.
Американската Централна разузнавачка агенција (CIA) верува дека клучните сектори на кубанската економија, како што се земјоделството и туризмот, се сериозно оптоварени со чести прекини на електричната енергија, трговски санкции и други проблеми.
Потенцијалното губење на увозот на нафта и друга поддршка од Венецуела, клучен кубански сојузник со децении, би можело да го комплицира управувањето за администрацијата што владее со Куба откако Фидел Кастро ја предводеше револуцијата во 1959 година.
За Куба, губењето на венецуелската нафта е катастрофално. Меѓу јануари и ноември минатата година, Венецуела испраќаше просечно 27.000 барели дневно на островот, покривајќи приближно 50 отсто од потребите на Куба, според податоците од државната нафтена компанија на Венецуела PDVSA и други документи.