Поранешниот лидер на Фротнтот за национално ослободување на Корзика (FLNC) и поранешен претседател на францускиот фудбалски клуб Ајачо, Ален Орсони беше убиен за време на погребот на мајка му во селото Веро на југот на Корзика.
Според француските медиуми, 71-годишниот Орсони бил убиен со истрел во градите од голема далечина. Мотивот за оваа очигледно професионална ликвидација засега е непознат. Националното обвинителство за организиран криминал објави дека ќе ја преземе истрагата.
Орсони беше истакната личност во корзиканското сепаратисчко движење. Тој беше поранешен лидер на FLNC, а подоцна го основа и го предводеше Движењето за самоопределување.
Неговиот брат беше убиен во 1983 година, а Орсони ја напушти Корзика во 1996 година, поради конфликтот во рамките на сепаратисичкото движење. Живееше 13 години на Флорида, потоа во Никарагва а подпцна во Шпанија. Кратко по неговото враќање од егзил, полицијата спречи заговор за атентат против него во текот на летото 2008 година.
Во јуни 2009 година, беше уапсен како дел од истрагата за бран атентати поврзани со организиран криминал на Корзика, но беше ослободен по 36-дневен штрајк со глад.
Орсони беше претседател на фудбалскиот клуб АК Ајачо во два наврата. По првиот мандат, кој траеше од 2008 до 2015 година, тој се врати на чело на клубот во 2022 година на една година. За време на неговиот прв мандат, Ајачо се пласираше во француската елитна Лига 1 на крајот од сезоната 2010/11, каде што играше во следните три сезони.
Клубот е во втората лига од 2013 година, а прогласи банкрот на крајот од минатата сезона поради финансиски проблеми. Моментално игра во Регионалната лига Корзика, седмото ниво на фудбалско натпреварување во Франција.