Руското Министерство за одбрана објави во понеделникoт дека целта погодена во нападот со хиперсоничната ракета „Орешник“ минатата седмица во западна Украина била фабрика за поправка на авиони, која по ударот е целосно онеспособена.
Украина и нејзините европски поддржувачи го осудија рускиот ракетен напад што се случи во петокот, велејќи дека имал за цел да го заплаши Западот во неделата кога европските земји понудија војници за потенцијални повоени безбедносни сили во Украина.

Ова беше само вторпат Русија да употреби балистичка ракета со среден дострел во воено време. Украински функционер изјави за Reuters дека ракетата, која е способна да носи нуклеарно оружје, била вооружена со лажни боеви глави што значи дека била користена само нејзината кинетичка моќност и оштетила работилница во државна компанија во Лавов, во близина на полската граница.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот ја онеспособил Државната фабрика за поправка на авиони во Лавов.
„Како резултат на нападот во ноќта на 9 јануари, со користење на мобилен систем за ракетно лансирање од земја ‘Орешник’, беше онеспособена државната фабрика за поправка на авиони во Лавов. Фабриката поправаше и сервисираше авиони на украинските вооружени сили, вклучувајќи авиони F-16 и МиГ-29 донирани од западните земј… Работилници, магацини што содржат готови производи (беспилотни летала) и инфраструктурата на аеродромот на фабриката се уништени“, забележа министерството.
Руските сили истиот ден во масивниот ракетен напад врз Украина користеле тактички ракетни системи „Искандер“ и крстосувачки ракети „Калибр“, погодувајќи две фабрики за склопување беспилотни летала со седиште во Киев и енергетски објекти што работат во рамките украинскиот воено-индустриски комплекс.
Русија во петокот соопшти дека ракетниот напад бил одговор на украинскиот напад врз една од резиденциите на претседателот Владимир Путин во северна Русија кон крајот на декември. Киев негираше дека извршил таков напад.
Употребата на ракетата „Орешник“, како што повтори руското Министерство за одбрана, беше одговор на неуспешниот обид на украинските вооружени сили да ја нападнат резиденцијата на Владимир Путин во регионот Новгород на 28 декември. Нападот, според Москва, бил насочен, внимателно планиран и повеќестепен. Деведесет иедно беспилотно летало било лансирано од регионот Суми и Чернигов близу руската гранциа, а еден од нив носел шест килограми високоексплозивна боева глава наменета за уништување цивили.