Протестот на грчките земјоделци продолжува. Денеска дел од нив одбија преговори со властите во Атина и се закануваат со целосна и неопределена блокада на сообраќајот на тешки товарни возила на граничните премини на северот на земјата – кон Македонија и Бугарија.
Така, повторно денеска ќе има блокада на граничниот премин „Меџитлија – Ники“ .
Средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис е закажана за денес за 15 часот. Сепак, средбата ќе биде само со дел од нивните претставници, откако таканаречениот Панхеленски комитет одби да учествува во разговорите.
Вчера портпаролот на владата Павлос Маринакис објави дека денеска ќе има два одделни состаноци, откако земјоделците не успеаја да се договорат за заедничко претставување, но на состанокот на блокадата во Никеја, Тесалија, Панхеленскиот комитет објави дека нема да испрати претставници во Атина.
Денеска се очекуваат блокади што ќе траат неколку часа на границите на Грција со Македонија и Бугарија.
Граничниот премин Богородица – Евзони е блокиран од 11 до 15 часот, а блокада ќе има и вечерва од 18 до 23 часот – за сите видови возила. Преминувањето ќе биде дозволено само во итни ситуации.
Другиот граничен премин со земјава, Меџитлија – Ники ќе биде затворен 4 часа од 19:00 часот за сите видови камиони. Од 20:00 часот, преминот исто така ќе биде затворен 2 часа за автомобили.
Грчките земјоделци започнаа протестни акции со блокади на патиштата кон крајот на ноември. Главната причина за нивното незадоволство беше доцнењето во исплатата на земјоделските субвенции поради корупцискиот скандал во агенцијата за плаќање ОПЕКЕПА.
Сепак, меѓу нивните барања се и минимални гарантирани цени, дополнително олеснување на цените на електричната енергија и горивата за земјоделството итн. Тие се спротивставија и на склучувањето на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и јужноамериканскиот трговски блок Меркосур.