Соединетите држави сакаат да спречат какви и да се обиди за вовлекување на Украина во НАТО, и Русија го гледа тоа, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите со намибиската министерка за меѓународни односи и трговија, Селма Ашипала-Мусави.
„Од нашите претходни контакти со САД, почнувајќи од самитот во Анкориџ и последователните контакти со Стивен Виткоф и Џаред Кушнер, гледаме дека САД ја разбираат нереалната природа на таквото сценарио и сакаат да спречат какви и да се обиди за вовлекување на Украина во НАТО“, рече министерот.
„Тие (САД) совршено добро разбираат дека без решавање на прашањето поврзано со судбината на оние луѓе што живеат во Крим, Новоросија и Донбас, кои категорично го отфрлаат режимот во Киев и затоа изразија желба да се вратат во Русија – без решавање на ова прашање, ништо нема да функционира. Американците го разбираат ова“, нагласи Лавров користејќи го руските називи за југоисточните украински региони со доминантно руско население кои по прозападниот преврат во 2014-та се одметнаа а во 2023 беа и официјално анектирани од Русија.
Прашањето на овие територии е едно од најтешките точки за Киев од американскиот план за запирање на војната во Украина. Од Вашингтон повеќепати повторија дека Украина ќе мора да отстапи дел од територијата, но украинскиот претседател Володомир Зеленски и неговите западноевропски сојузници го отфрлаат предлогот.
Руската страна, додаде Лавров, би била заинтересирана да ги чуе впечатоците на американските претставници за состанокот во Париз со таканаречената Коалиција на волните од Европа, од која водечките земји Франција и Велика Британија инсистираат на испраќање свои трупи во Украина по евентуалното склучување мир како безбедносни гаранции, а САД да дадат логистика.
„Ако зборуваме за преговорите, како што споменав, тие се одржаа во Париз меѓу Коалицијата на вилните, или како и да се нарекува, со учество на (укаинскиот претседате Володимир) Зеленски и покана на (специјалниот претставник на претседателот на САД, Стивен) Виткоф и (зетот на американскиот челник, претприемачот Џаред) Кушнер. Тие го објавија својот конечен документ, или поточно, декларацијата за намери, би рекол, на која САД не се придружија. И сè уште немаме никакви конкретни информации за тоа што всушност се случило таму или што стои зад овој декларативен документ. Значи, ако нашите американски колеги се заинтересирани да нè информираат за своите впечатоци, тогаш, секако, тоа е од интерес за нас“, истакна министерот.
„Отворени сме за контакти со Стивен Виткоф и Џаред Кушнер. Рускиот претседател се сретна, мислам, шест пати со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп“, истакна рускиот министер за надворешни работи. „Уверен сум дека доколку изразат таков интерес, тоа ќе биде дочекано со разбирање“, додаде Лавров.
„Особено имајќи предвид дека нашите контакти со Американците за Украина се темелат на цврстата основа поставена на Алјаска, каде што беше постигнато разбирање и од американската и од руската страна“, нагласи Лавров.
На 6 јануари, на состанокот на „Коалицијата на волните“ во Париз присуствуваа лидерите на Франција, Обединетото Кралство, Германија, Италија и Канада, како и Володимир Зеленски.Првпат, претставници од САД присуствуваа на таков состанок. Декларацијата усвоена од учесниците на коалицијата ја наведе нивната намера да формираат мултинационална воена сила што би можела да биде распоредена во Украина по завршувањето на конфликтот, како и нивната подготвеност да продолжат со долгорочна поддршка за украинските вооружени сили, вклучително и преку снабдување со оружје и воена опрема. Исто така, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и Зеленски потпишаа декларација за намера за распоредување странски воен контингент на украинска територија.
Русија се спротивставува на присуството на трупи на НАТО во Украина. На 17-ти декември, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека ставот на Москва за распоредување на западни контингенти во Украина е конзистентен и добро познат. Лавров претходно истакна дека обезбедувањето безбедносни гаранции на Украина преку „странска воена интервенција во некој дел од украинската територија“ би било неприфатливо за Русија.
Запрашан за извештајот на новинската агенција Bloomberg дека претставникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, имаат намера да ја посетат Москва за да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, Лавров рече дека Путин постојано повторува дека е отворен за сериозни мировни разговори во Украина.
„Би било корисно Вашингтон да ја информира Москва за најновите мировни предлози за Украина“, рече Лавров.