Соединетите држави стојат со „храбриот народ на Иран“, а претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека „сите опции се на масата“ за да се запре крвопролевањето, изјави американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Валц, пред Советот за безбедност на ОН во четвртокот.
Трамп постојано се закануваше дека ќе интервенира во поддршка на демонстрантите кои учествуваа во смртоносните и разорувачки протести во Иран, каде што наводно според западните извори убиени се илјадници лица откако беа запалени десетици џамии, приватни и јавни згради и убиени стотина припадници на силите за спроведување на редот.
Меѓутоа, во четврток Трамп зазеде став „почекај и види“, велејќи дека убиствата престануваат и дека верува дека нема моментален план за масовни егзекуции.
Белата куќа во четврток соопшти дека Иран откажал 800 планирани егзекуции на демонстранти претходниот ден, но додаде дека сите опции сѐ уште се на масата.
Според денешните вести, се чини, дека тензиите во иранските градови се смируваат, барем во поглед на жестоките судири меѓу вооружени групи демонстранти и безбедносните сили. Во четвртокот повторни ширум Иран беа организирани масовни маршеви за поддршка на властите.
„Претседателот Трамп е човек на акција, а не на бескрајната дебата што ја гледаме во Обединетите нации. Тој јасно стави до знаење дека сите опции се на маса за да се запре крвопролевањето“, нагласи Валц.
Ги отфрли обвинувањата на Иран дека протестите се „странски заговор што претходи на воена акција“, во прв ред организирани од САД и Израел, откако израелски функционер изминатиот викенд за медиумите изјави дека агентите на тајната служба Мосад се „на теренот“.
„Секој во светот треба да знае дека иранскиот режим е послаб од кога било досега и затоа ја кажуваат оваа лага. Тие се плашат од сопствениот народ“, тврдеше Валц.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на „максимална воздржаност во ова чувствително време“ за да се избегне „натамошна загуба на животи“ или „поширока регионална ескалација“, рече високата претставничка на ОН, Марта Поби.