Сопружнци му помогнале на Саит Саитов, тинејџерот кој прегази жена во скопски Капиштец, да избега во соседна Србија. Јавното обвинителство соопшти дека покренало обвинение против маж и жена кои се товарат дека се соизвршители во делото. Истовремено, за осомничениот маж, јавен обвинител предложил мерка притвор, додека за жената мерка куќен притвор.
Веднаш по сообраќајната несреќа на 9 јануари, сопружниците дошле до домот на Саитов. Го зеле него и неговиот татко, па преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Србија. Таму ги оставиле и се вратиле назад во Maкедонија околу полноќ.
Осомничениот Саитов, кој со автомобил смртно прегази жена, сè уште е во бегство. По него трага полицијата врз основа на издадена меѓународна потерница од ОЈО Скопје.
Саитов е роден на 6 април 2007 година во Скопје, со последна пријавена адреса на улицата Дом Ндуе Битичи во Скопје. Тој се бара поради сомнение за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според досега објавените официјални информации, на 9 јануари осомничениот управувал патничко возило „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт, без да поседува важечка возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на условите на патот и сообраќајот. При непрописно поместување налево, навлегол во коловозна лента наменета за спротивен правец и удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот.
Од ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна починала. Наместо да ѝ укаже помош, возачот го напуштил местото на несреќата и избегал