Западноевропските престолнини би можеле да ги погодат САД со 93 милијарди евра (107,71 милијарди долари) царини или да го ограничат пристапот на американските компании до пазарите на Европската унија како одговор на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп до сојузниците во НАТО кои се противат на неговата кампања за преземање на Гренланд, објави во неделата Financial Times.
Одмаздничките мерки се подготвуваат за да им се даде предност на западноевропските челници на клучните состаноци со Трамп на Светскиот економски форум во Давос, кој започнува во понеделник, објави Financial Times, повикувајќи се на функционери вклучени во подготовките за состаноците во Швајцарија.
Во саботата Трамп објави царини за осум земји кои без никаква претходна најава и набрзина ноќта кон четвртокот испратија свои војници на наводни воени вежби на НАТО на Гренланд, поранешна колонија а сега автономна данска територија а која не е членка на Европската унија за разлија од Данска, којашто американскиот претседател поради геостратешката местоположба и минералните ресурси сака да ја стави под суверенитет на САД. Покрај Данска, станува збор и за Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска.
Некои земји од Европската унија, вклучувајќи ги Германија и Франција, во неделата ги осудија заканите на Трамп за царини за Гренланд како уцена. Сите осум земји сега тврдат дека испратиле незначитечен број воени лица на данскиот арктички остров, бидејќи спорот со САД за неговата иднина се интензивира.
„Царинските закани ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна спирала надолу. И натаму сме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштита на нашиот суверенитет“, порачаа осумте земји во заедничко соопштение.
Данската вежба во Гренланд е дизајнирана да ја зајакне безбедноста на Арктикот и не претставува закана за никого, тврдат споменатите земји иако претходно не ја најавија вежбата ниту своето учество, додавајќи дека се подготвени да се вклучат во дијалог, врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет.
Британскиот премиер Кир Стармер му рече на американскиот претседател дека наметнувањето царини на сојузниците е „погрешно“ во телефонски разговор во неделата попладнето, соопшти кабинетот на Стармер на Даунинг стрит.
Стармер одржа серија телефонски разговори во недела попладне, вклучително и со американскиот претседател, соопшти неговито кабинет.
Британецот разговарал и со данската премиерка Мете Фредериксен, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и шефот на НАТО алијансата, Марк Руте.
Портпаролката на Даунинг стрит изјави: „Во сите негови повици, премиерот го повтори својот став за Гренланд. Тој рече дека безбедноста на Далечниот север е приоритет за сојузниците на НАТО за заштита на евроатлантските интереси.“
Данската премиерка Фредериксен изјави дека е задоволна од доследните пораки од другите земји, додавајќи дека „Европа нема да биде уценувана“, став што го повторија германскиот министер за финансии и шведскиот премиер.
„Она што го прави е уцена“, рече и холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вил на холандската телевизија за заканата на Трамп.
Кипар, кој го држи ротирачкото шестмесечно претседателство со ЕУ, ги повика амбасадорите на итен состанок во Брисел доцна во неделата, додека лидерите на ЕУ ги засилија контактите.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, кој го посети својот норвешки колега во Осло, рече дека Данска ќе продолжи да се фокусира на дипломатијата.
Извор близок до Емануел Макрон изјави дека францускиот претседател инсистира на низа економски контрамерки, таканаречениот инструмент против принуда. Соработниците на Макрон открија во неделата дека Париз бара од Европската унија да го активира Инструментот против принуда, механизмот на ЕУ за борба против економските закани наречен „економска базука“.
Тоа би можело да го ограничи пристапот на САД до јавни тендери или да ја ограничи трговијата во секторите каде што американската страна има суфицит, доколку Трамп не се откаже од најавените царини.