Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од тврдењата на кардиотхирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да му ја преземат клиниката.
Мицкоски оцени дека таквите „мафијашки упади“ се случувале токму во периодот на вонредната состојба и побара Обвинителството да постапи по допрен глас.
– Не сум изненаден, знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот – рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар сведоштвото на Митрев дека Заев и Филипче со закани и со уцени сакале да му ја преземат клиниката „Жан Митрев“.
Тој посочи дека нема дополнителен коментар, но очекува Обвинителството да се произнесе.
– Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но, тоа мене не ме изненадува – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека има повеќе сведоштва за однесувањето на тогашната влада во периодот на вонредната состојба и укажа на уредбите со законска сила што ги носеше тогашниот претседател Стево Пендаровски.
Постојат сериозни сомневања дека дел од одлуките донесени од страна на поранешниот претседател Стево Пендаровски за време на ковид-пандемијата биле спротивни на Уставот и законите, посочи премиерот Христијан Мицкоски. Тоа, според него, го отвора прашањето за институционална и кривична одговорност. Го повика и Обвинителството да постапува по допрен глас.
„Има многу сведоштва кои говорат за однесувањето на владата во тој период, вие знаете, сè уште тие законски уредби и одлуки на Стево Пендаровски во тој период стојат непоминати во Собранието, треба да ги видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи, што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател“, рече Мицкоски.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски, пак, вели дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години, потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Навистина мислев да не му давам на значење на господинот Мицковски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните “резултати” од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира, но, заради јавноста ќе морам да објаснам некои работи кои за жал на “експертот за енергетика” претходно не му ги објасниле неговите “големи правници”.
Имено, Уставниот суд уште пред повеќе од пет години, со мнозинство гласови, потврди дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
Второ, уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат.
Трето, сите одлуки за прогласување на вонредна состојба беа доставени од моја страна до Собранието и тоа веднаш по завршувањето на таа состојба.
Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее”, реагира Пендаровски.