Осум европски земји, кои се цел на најавените одмазнички царини на американскиот претседател Доналд Трамп поради нивната поддршка на Данска по прашањето за Гренланд, предупредија во заедничка изјава во неделата дека овие мерки создаваат ризик од „опасна надолна спирала“.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ние и натаму сме обединети и координирани во нашиот одговор. Ние сме посветени на заштитата на нашиот суверенитет“, се вели во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји кои одлучија демонстративно да испратат своите војници на Гренланд нагласија дека се подготвени за „дијалог заснован на принципот на суверенитет и територијален интегритет“ зад кој цврсто стојат. Повторуваат дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“.
Истовремено наведуваат дека, како членки на НАТО, се посветени на зајакнување на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Воената вежба на НАТО „Арктичка отпорност“ е одговор на оваа потреба и „не претставува закана за никого“, се додава во соопштението.
Соработниците на францускиот претседател Емануел Макрон открија во неделата дека Париз бара од Европската унија да го активира Инструментот против принуда, механизмот на ЕУ за борба против економските закани наречен „економска базука“.
Тоа би можело да го ограничи пристапот на САД до јавни тендери или да ја ограничи трговијата во секторите каде што американската страна има суфицит, доколку Трамп не се откаже од најавените царини.