Украина и Европа треба да создадат заедничка воена одбранбена сила со до три милиона војници, предложи украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот.
Украинскиот лидер го изјави ова во разговор преку WhatsApp со новинарите. Тој нагласи дека го покренал прашањето за заедничка армија минатата година поради заканата од Русија, која планира да има 2,5 милиони војници до 2030 година.
Во истиот разговор, Зеленски рече дека Украина е поканета и да се приклучи на таканаречениот Мировен одбор, тело предложено од американскиот претседател Доналд Трамп, и се смета за негов обид да изгради алтернатива на Обединетите нации. Рускиот претседател Владимир Путин веќе е поканет во одборот.
Зеленски, кому мандатот му истече минатата година, рече дека не може да замисли да седи во исто тело со руски претставник, но додаде дека украинските дипломати сега ја разгледуваат поканата.
Зеленски, исто така, изрази загриженост во вторникот дека меѓународното внимание кон мировните напори во Украина сега ќе биде пренасочено кон прашањето за Гренланд, автономна данска територија што ја бара Трамп.
„Загрижен сум за какво и да е губење на вниманието во услови на конфликт од големи размери“, рече украинскиот претседател, но додаде дека спорот за Гренланд и војната во Украина не треба да се сметаат за ‘заменливи’ прашања, според агенцијата AFP.
Претходно во неделата Трамп во интервју за американската телевизиска мрежа NBC News порача дека Европа треба да се посвети на војната во Украина, а не на Гренланд. „Европа треба да се фокусира на војната меѓу Русија и Украина, бидејќи искрено, гледате каде ги доведе. На тоа треба да се фокусира Европа, а не на Гренланд“, рече републиканецот.
Американскот претседател предизвика тревога на Стариот континент и тензии со западневропските сојузници во НАТО со своето повторено инсистирање дека стратешкиот Гренланд, автономна област на Данска, е клучен за безбедноста на САД и поради тоа е неопходна американска суверенитет врз арктичкиот остров.