Неколку илјади европски земјоделци протестираа во француски Стразбур во вторникот против договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и латиноамериканскиот блок Меркосур.
Според локалните власти, околу 5.000 демонстранти и неколку стотици трактори пристигнаа во градот. Европскиот парламент оваа седмица ја одржува својата редовна пленарна седница во Стразбур.
Пратениците на ЕУ ќе одлучат во среда дали да побараат мислење од Европскиот суд на правдата (ЕСП) за тоа дали спорниот договор Меркосур е компатибилен со правото на ЕУ, што би можело да го одложи процесот на ратификација.
Договорот за слободна трговија беше потпишан минатата седмица во Парагвај и сè уште треба да биде одобрен од Европскиот парламент.
Земјоделците го користат овој протест за да продолжат да вршат притисок врз носителите на одлуки во ЕУ. Тие стравуваат од нелојална конкуренција од евтиниот увоз од јужноамериканските земји.
Денеска демонстрантите запалија чадни бомби и држеа транспаренти со слогани на кои пишуваше „Фон дер Лајен, оди си дома“, упатени кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Демонстрациите предизвикаа значителни прекини во сообраќајот во Стразбур, при што неколку патни правци беа блокирани.
Преговорите, кои започнаа во 1999 година, постојано беа запирани, вклучително и поради загриженоста на европските земјоделци кои предупредија дека ќе мора да се придржуваат до различни стандарди.
Меѓутоа, сега започнува битката од европска страна за обезбедување позитивен глас во Европскиот парламент откако ЕУ и јужноамериканскиот трговски блок во парагвајската престолнина Асунсион го потпишаа договор кој Фон дер Лајен го прогласи за „историски“.
Договорот би можел да се соочи со голема пречка во Европскиот парламент. Во среда европратениците ќе гласаат на пленарна седница за тоа дали да побараат мислење од Судот на правдата на ЕУ за тоа дали договорот Меркосур е компатибилен со европските договори.
Доколку овој предлог мине, тоа ќе значи дека нема да има гласање за ратификација сè додека Судот на правдата на ЕУ не одлучи, што би можело да потрае и до две години. Доколку предлогот за барање мислење од Судот на правдата биде отфрлен, Европскиот парламент би можел да гласа за ратификација во февруари.
Договорот, меѓу другото, предвидува постепено намалување на царините за увоз на клучни европски индустриски производи, како што се автомобили, машини и лекови во земјите од Меркосур. Високите царини за увоз на некои важни земјоделско-прехранбени производи од ЕУ, како што се виното и жестоките пијалоци, чоколадото и маслиновото масло, исто така, ќе бидат намалени.
Спогодбата ЕУ-Меркосур создава најголемата зона на слободна трговија во светот со повеќе од 700 милиони потрошувачи. Европските извозници, како што велат поборниците на договорот, ќе имаат полза од ниските царини во регион кој има високи царини за речиси сите земји во светот.
Според проценките на Комисијата, договорот би можел да го зголеми годишниот извоз на ЕУ во Меркосур до 39 отсто, на 49 милијарди евра, поддржувајќи повеќе од 440.000 работни места низ цела Европа.
Најмногу се спротивставија Франција, која сака да ги заштити своите земјоделци од конкуренцијата од Јужна Америка, и активистите за климатски промени кои стравуваат дека договорот би можел да доведе до натамошно уништување на прашумите во Јужна Америка. Од друга страна, Германија и Шпанија се најголемите поддржувачи на договорот.
За да ги увери земјоделците, Европската унија усвои серија заштитни мерки и гаранции за најчувствителните производи.