Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Велес поднело кривична пријава против П.М. товарејќи го за ,,лажно пријавување на кривично дело“.
Како што наведува МВР, на 23 септември лани во СВР Велес, П.М. официјално пријавил двајца сообраќајни полицајци за малтретирање при сообраќајна контрола..
„Пријавените полициски службеници своето постапување го снимиле со мобилниот систем за снимање со камери, со што е утврдено дека П.М. лажно ги пријавил полициските службеници, иако при поднесување на пријавата бил предупреден за последиците за лажно пријавување“, наведува МВР.
Со лажното пријавување, иако знаел дека полицајците не го сториле кривичното дело „погрешно и злонамерно предизвикал интервенција на органите на прогонот кон полициските службеници. Со наведеното пријавениот ги загрозил личните слободи и права, како и честа и угледот на полициските службеници кои ги пријавил“, нагласува МВР.