Сојузничките земји во Северноатлантската воена алијанса ќе работат колективно за да ја осигураат безбедноста на Арктикот, изјави портпаролот на НАТО во средата.
„Дискусиите меѓу сојузниците во НАТО за рамката што ја спомена претседателот (на САД, Доналд Трамп) ќе се фокусираат на осигурување на безбедноста на Арктикот преку колективни напори на сојузниците, особено на седумте арктички сојузници“, рече портпаролот.
„Преговорите меѓу Данска, Гренланд и САД ќе продолжат со цел да се обезбеди Русија и Кина никогаш да не добијат упориште – економски или воено – во Гренланд“, додаде портпаролот на западниот воен блок.
По неколку седмици жестока реторика со што ризикуваа најдлабок прекин во трансатлантските односи последните децении, американскиот претседател Трамп ненадејно се повлече во средата вечерта од заканите со царини како средство за преземање на Гренланд и рече дека е на повидок договор за ставање крај на спорот со западноевропските сојузници.