И покрај сите факти и докази кои потврдуваат дека компанијата работи согласно домашната регулатива и кои беа јасно потврдени од страна на релевантните институции, продолжуваат нападите кон ТИТАН Усје, нагласува компанијата.
„1Овие напади не само што се тенденциозни, бидејќи не се засновани на факти, туку на произволни толкувања, тие истовремено отвораат и дилема, од кои причини и мотиви неосновано „прстот“ се посочува само кон една компанија, која е значајна за националната економија, и додава нова вредност за вработените, за заедницата и за сите наши партнери. Што е најважно, овие напади ниту малку не придонесуваат кон изнаоѓање на решение за загадувањето во Скопје“, порачува ТИТАН Усје во својата реакција.
Од компанијата аргументираат дека и покрај тоа што фабриката за цемент не функционира, загадувањето во Скопје е сепак енормно.
„Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20.12.2025 година, а втората од петокот на 16.01.2026 година.
И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, во петокот на 16.01. највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) – 250, во неделата (18.01,2026) – 143, во понеделникот (19.01,2026) – 190 и вчера, во вторник (20.01.2026) – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година.“, се нагласува во реакцијата .
ТИТАН Усје порачува дека е компанија која не само што работи согласно законите и е носител на А-интегрирана дозвола, туку е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи.
„Мерењата на оџаците во Титан Усје се одвиваат согласно законската регулатива која ја пропишуваат институциите и е усогласена со европските директиви. Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо“, се посочува во реакцијата.
Како компанија која е дел од интернационална групација, ТИТАН Усје во континуитет инвестира во модернизација на технолошките процеси . Изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за намалување на влијанието врз животната средина., дополнуваат од компанијата .
Од ТИТАН Усје изразуваат надеж дека при согледување на проблемите, реално ќе се ценат фактите.
„Искрено веруваме во потребата од еднаков третман на сите ентитети во земјата и согласно принципот на владеењето на правото очекуваме нашето работење да се опсервира и оценува низ призмата на стручноста и законите, а не преку лични и паушални ставови.
Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите“, порачува ТИТАН Усје.