TikTok објави дека постигнал договор што ќе ѝ овозможи на многу популарната апликација за кратки видеа да продолжи да работи во САД.
Договорот доаѓа по годините конфликт меѓу Вашингтон и Пекинг што започна во првиот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа, кога тој неуспешно се обиде да ја забрани апликацијата поради загриженост за националната безбедност, а таквите американски настојувања продолжија безуспешно и во целиот мандат на неговиот претходник Џо Бајден.
Платформата требаше да биде забранета во САД во јануари 2025 година, освен ако нејзиниот кинески сопственик „ByteDance“, не ги продаде своите американски операции на американски инвеститори. Но, американскиот претседател Доналд Трамп постојано го одложува спроведувањето на законот за отстранување на апликацијата.
Кинескиот сопственик на апликацијата објави во четвртокот дека финализирал договор за основање заедничко вложување во мнозинска американска сопственост кое ќе обезбедува податоци во САД за да се избегне забрана на апликацијата од страна на САД. „ByteDance“ изјави дека заедничкото вложување ќе ги заштити податоците, апликациите и алгоритмите на американските корисници преку мерки за приватност на податоците и сајбер безбедност. Објави малку детали за самото одвојување.
Трамп го пофали договорот во објава на социјалните мрежи, велејќи дека TikTok „сега ќе биде во сопственост на група големи американски патриоти и инвеститори, најголемите во светот“. Му се заблагодари на кинескиот претседател Кси Џинпинг „за неговата соработка и на крајот за одобрувањето на договорот. Можеше да постапи поинаку, но не го стори тоа, и ние му благодариме за неговата одлука“.
Според договорот, американските и глобалните инвеститори имаат 80,1 отсто од уделот во TikTok, а „ByteDance“ задржува 19,9 отсто. Три големи инвеститора – гигантот за облачното компјутерство „Oracle“, групата за приватен капитал „Silver Lake“ и инвестициската фирма MGX со седиште во Абу Даби, ќе имаат по 15 отсто.