Американските компании потпишале во 2025 година со поддршка на Министерството за трговија договори за јавни набавки со странски влади во вредност од 244 милијарди долари, што е речиси трипати повеќе од износот што го потпишаа во претходната 2024 година, благодарение на нарачките за авиони „Boeing“, објави во петокот Администрацијата за меѓународна трговија (ITA).
Во 2024 година, последната година од мандатот на претседателот Џо Бајден, ITA изброи 87 милијарди долари потпишани договори. Најниската вредност беше забележана во 2021 година, погодена од пандемијата, од 17 милијарди долари.
Вкупните бројки ги вклучуваат само потпишаните договори.
Скокот во 2025 година се совпаѓа со растот на нето нарачките за авиони на „Boeing“, кои достигнаа вкупно 1.075. До 2024 година, компанијата резервираше 377.
Авионите „Boeing“ и млазните мотори на „GE Aerospace“ учествуваа со 215 милијарди долари во вкупните договори поддржани од ITA минатата година, врз основа на проценките објавени од канцеларијата на претседателот Доналд Трамп, со извоз во вредност од 187 милијарди долари.
Производителите на авиони ги собираат поголемиот дел од надоместоците кога ги испорачуваат авионите, што значи дека „Boeing“ повеќето од износите ќе ги инкасира дури неколку години по завршувањето на мандатот на Трамп во 2029 година.
Американскиот производител на локомотиви „Wabtec“ потпиша договор од 4,2 милијарди долари во септември за испорака на 300 локомотиви за тешки товари во Казахстан, по кампањата што вклучуваше телефонски повик меѓу претседателот Трамп и неговиот казахстански колега, Касим-Џомарт Токаев, соопшти ITA.
Нарачката претставува најголем договор во странство на „Wabtec“ од неговото основање и е меѓу глобалните проекти за инфраструктура и синџир на снабдување што американските компании ги потпишаа во 2025 година, во вкупна вредност од 8,3 милијарди долари, соопшти ITA.
Вкупните договори со странски влади од 244 милијарди долари вклучуваат 10 милијарди долари договори за одбрана, 7 милијарди долари договори за енергија и 3,4 милијарди долари договори за технологија, вклучувајќи вештачка интелигенција, сајбер безбедност, финтех и здравствена заштита, соопшти ITA.
Службата за помош на администрацијата ги советува компаниите за поднесување понуди во странство и често е домаќин на состаноци на високи американски и странски претставници за промоција на американските компании, црпејќи ресурси од повеќе владини агенции, забележува Reuters.