По смртоносното пукање за време на операцијата на американските федерални агенти во Минеаполис, во која беше убиен еден демонстрант, претседателот Доналд Трамп ги нападна градоначалникот и гувернерот на сојузната држава Минесота.
„Градоначалникот и гувернерот поттикнуваат бунт со нивната помпезна, опасна и арогантна реторика“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social додавајќи дека демократите на власт во оваа сојузна држава ја прикриваат кражбата на милијарди долари од буџетот на САД.

Трамп напиша и за американската Служба за имиграција и царина (ICE): „Дозволете им на нашите патриоти да си ја работат својата работа!“
„Вооружениот маж имал наполнет пиштол со два дополнителни шаржера, подготвен за пукање. За што сето тоа? Каде беше локалната полиција? Зошто не им беше дозволено да ги заштитат офицерите на ICE?“, напиша Трамп во друга објава на својот профил на Truth Social.
Претходно, Министерството за внатрешна безбедност објави дека полицаец од граничната патрола во Минеаполис отворил оган врз маж бидејќи му бил загрозен животот. Полициските службеници спроведувале рација против недокументирани имигранти кога мажот им се приближил со пиштол. Неможејќи да го разоружа, полицаецот бил принуден да отвори оган, објави Министерството.
Гувернерот на државата Минесота, каде што се наоѓа Минеаполис, Тим Волц, го повика Трамп од прес-конференција да ги повлече силите од Минесота. „Извадете ги овие сили од Минесота, тие сеат хаос и насилство“, рече тој. „Минесота претрпе доста. Ова е одвратно“, напиша Волц.
Градоначалникот Џејкоб Фреј, демократ како Волц, напиша на X: „Уште колку луѓе треба да умрат или да бидат застрелани пред да заврши ова? Претседателе Трамп, ве повикувам да ги ставите Американците и овој американски град на прво место и да го тргнете ICE од патот.“ „Ако мисијата е да се обезбеди мир и безбедност, тогаш е постигнато спротивното“, рече Фреј.
Во саботата, еден маж почина откако беше застрелан од федералните агенти, според официјалните извештаи. Многу детали од инцидентот сè уште се непознати.
Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека агентите спроведувале приведување на биле на мисија да уапсат странец кој нелегално престокувал во САД кога им се приближил маж вооружен со пиштол. Според локалната полиција, убиеното лице било државјанин на САД кој живеел во Минеаполис, кој бил легален сопственик на оружје и имал дозвола за носење.
На почетокот на јануари, се случило слично убиство кога една жена била застрелана и убиена во нејзиниот автомобил во истиот град за време на операција на ICE.