Точно напладне превозниците од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе ги затворат за товарен сообраќај граничните премини кои водат кон Европската Унија. Најавено е дека повеќе од 300 камиони во земјава ќе ги затворат граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.
Граничните премини ќе работат за останатиот вид на превоз.
Блокадите се реакција на воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, односно шенген зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
Најавено е дека блокадите ќе траат 7 дена колку што трае еден циклус на превоз на стока, но ако ЕУ се согласи да го реши проблемот блокадите веднаш ќе бидат тргнати. Блокадите ги поддржаа и превозниците од другите земји од регионот кои се засегнати од правилата како и од Турција.
-Протестот во сите четири држави ќа почне во 12.00 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00.00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“.
Муратовска укажува дека новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучуваќи ја и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување. Транспортната индустрија, пак, посочува, во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот, ќе биде целосно разнишана.
– Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова, ако се реализираат нашите барања, ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан – вели Муратовска.
На забелешката на ЕУ дека правилото 90/180 не е ново и дека и досега било така, Муратовска вели дека правилото е исто, но Шенген-зоната не е. Во изминатите години, како што вели таа во зоната влегоа и Хрватска, а од минатата година и Бугарија и Романија, па сега камионџиите кои работат меѓународен превоз многу брзо ги поминуваат тие 90 дена што им се дозволени.
Од Владата за ТВ Сител велат дека се во постојана комуникација со Брисел и оти работат на изнаоѓање решение за проблемот со транспортерите преку дијалог со партнерските земји и превозниците.
Како настанатата ситуација ќе влијае на македонската економија од Владата наведуваат дека најпогодени ќе бидат компаниите кои се извозно ориентирани, како и фирмите од Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ).