Француското Национално собрание во понеделникот поддржа закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални мрежи, наведувајќи загриженост за онлајн насилството и менталното здравје на младите.
За законот сега треба да гласа Сенатот пред конечното гласање во Националното собрание.
Претседателот Емануел Макрон ги смета социјалните мрежи како една од причините за насилство меѓу младите и ја повика Франција да го следи примерот на Австралија, првата земја во светот што им забрани на малолетниците (под 16 години) пристап до социјалните мрежи, вклучувајќи ги Facebook, Snapchat, TikTok i YouTube, во декември минатата година.
Макрон сака забраната да стапи на сила во Франција пред почетокот на новата учебна година во септември.
„Со овој закон, поставуваме јасни граници и испраќаме порака дека социјалните мрежи не се безопасни“, изјави пратеничката Лора Милер од центристичката партија Обнова (Renaissance), која го поддржува францускиот претседател.
„Нашите деца читаат сè помалку и помалку, спијат сè помалку и помалку, а од друга страна се споредуваат едни со други сè повеќе и повеќе. Ова е битка за слободни умови“, додаде таа.
Други европски земји, како што се Обединетото Кралство, Данска, Шпанија и Грција, размислуваат за забрана на социјалните мрежи, по примерот на Австралија.
Европскиот парламент, исто така, ја повика Европската унија да постави минимална возраст за пристап до социјалните мрежи, но на земјите-членки е да одлучат дали да воведат ограничувања на возраста.
Во Франција, постои широка политичка и јавна поддршка за спречување на малолетниците да пристапуваат до социјалните медиуми.
Пратеникот од крајната десница Тиери Перез (Национален собир) рече дека законот е одговор на „здравствената криза“. „Социјалните мрежи им дозволија на сите да се изразат, но која е цената што ја плаќаат нашите деца?“, праша Перез.
Франција, доколку се воведе забраната, ќе бара од платформите да го блокираат пристапот до тинејџерите преку механизми за верификација на возраста, во согласност со законодавството на ЕУ.
Спроведувањето на таква забрана нема да биде лесно. Социјалните мрежи во Австралија се преплавени со пораки од млади луѓе кои тврдат дека се под 16 години, но сепак ги користат мрежите секој ден.
Франција, исто така, со закон одлучи да ја прошири забраната за употреба на паметните телефони и во средните училишта.
Резултатите од анкетата на јавното мислење од 2024 година, спроведена од компанијата „Harris Interactive“, покажуваат дека 73 отсто од граѓаните ја поддржуваат забраната за пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години.
Тинејџерите на улиците на Париз имаат поделени мислења. Додека некои признаваат дека социјалните мрежи кријат бројни опасности, други веруваат дека забраната е прекумерна.