Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест пред Работничкиот дом, Собранието, Стопанската комора и Владата, барајќи итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Работничкиот дом изјави дека „работниците повеќе нема да им се молат на Владата и газдите, туку ќе се борат за зголемување на платите“.
„Денеска сме тука за нашите деца, за нашите ќерки и синови, за нашите внуци и правнуци. Денеска сме тука да се бориме мизерните плати да се зголемат затоа што Владата и газдите одбиваат да го сторат тоа и одбиваат да им помогнат на нашите семејства. Денеска работниците зборуваат. Политичарите имаа доволно време да го сторат тоа и не го направија. Од денеска ние зборуваме за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари“, рече Трендафилов.
Поворката што протестираше потоа се упати кон Собранието, каде беше упатена порака дека пратениците една година одбиваат да гласаат за измени на Законот за минимална плата.
Побара веднаш, уште утре, да се предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата за да се зголеми на 600 евра, за да им се помогне на 200.000 работници кои имаат плата под 30.000 денари.
Парламентот доби „грејс“ период до недела.
„Доколку до крајот на неделата не предложите измени на законот и заедно не го изгласате за да им помогнете на работниците, работничкиот револт ќе продолжи. Ќе биде пожесток, ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли … Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме граѓански предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати. И ќе бараме да ја зголемите минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да ги зголемите другите плати“,рече Трендафилов.