Во дербито на вечерта и дуелот од 25-то коло на Евролигата, кошаркарите на Олимпијакос ја победија Барселона со 87:75 на домашен терен.
По првата четвртина, Олимпијакос доби голема предност од 27:13. Сепак, Барселона направи пресврт во третата четвртина, која ја доби со идентични 27:13, и поведе со 64:59 пред последните десет минути. Сево ова навестуваше неизвесна завршница, но грчкиот тим одлично ги одигра последните минути од натпреварот. Во последната четвртина, Барселона постигна само 11 поени, а Олимпијакос на крајот славеше со убедливи 87:75.
За Олимпијакос, Саша Везенков постигна 20 поени со 11 скока, додека Тајрик Џонс додаде 16 поени со осум скока. Прво име на Барселона беше Кевин Пантер со 15 поени и четири асистенции.
Изненадувањето на вечерта го направија играчите на Баерн, кои го победија на гостински терен досега водечкиот Хапоел Тел Авив со 79:64. Исијаха Мајк беше најдобар во победничкиот тим, даде 16 поени со пет скока, додека Андреас Обст постигна 13 поени со три скока и две асистенции.
Во турското дерби, Фенербахче како домаќин беше убедлив против Анадолу Ефес и победи со 79:62. Најдобар играч на Фенербахче беше Тален Хортон Такер со 22 поени, три скока и две асистенции. Од друга страна, Сабен Ли беше најдобар со 19 поени и три украдени топки.
Фенербахче сега е лидер на табелата со резултат од 17-7. Хапоел и Олимпијакос имаат 16 победи и осум порази, додека Барселона и Реал Мадрид имаат скор од 16-9.
Кошаркарите на Партизан фатија некаков ритам во Евролигата и врзаа две победи, но во Милано не можеа да дојдат до нов подвиг. Белградските „Црно-белите“ беа поразени од Олимпија по голема борба со 85:79. Поранешниот крилен центар на Партизан, Зек Ледеј, ги предводеше домаќините со 20 поени, на другата страна Стерлинг Браун беше најефикасен со 17.
Ова беше 12-та победа на Олимпија, како и 17-ти пораз на Партизан.