Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, вчера во емисијата Клик Плус на ТВ21 информираше дека изградбата на булеварот „Цветан Димов“ веќе е вклучена во буџетот на Град Скопје и дека процесот ќе продолжи без одложувања.
Според Меџити, се работи со висок интензитет за да се обезбеди целата потребна документација и да се најдат решенија кои нема да ги оспорат градежните работи. Тој нагласи дека најкритичната точка останува станбениот објект спроти основното училиште „Лирија“.
„Нема деловни објекти што треба да се уриваат. Доколку евентуално на некој граѓанин му биде одземен дел од неговиот имот, тој ќе биде правично обесштетен“, изјави Меџити.
Состојбата на терен, пак, покажува нешто друго. За да се реализира проектот за булеварско решение за „Цветан Димов“, или рабниците на булеварот (кој треба да има потесни ленти, ако се планираат по три ленти во секоја насока), треба да бидат допрени до ѕидовите на голем број од објектите или тие објекти да се уриваат. И притоа, не е во прашање само станбената зграда спроти Лирија, туку огромен број објекти се до семафорите со „Џон Кенеди“.
Експропријација на тие објекти – за да се урнат и да се гради булевар – би чинела неколку десетици милиони евра.
Најголемиот дел од новите големи куќи или зградички, од кои дел се со деловна намена, се изградени во текот на претходните мандати на Изет Меџити како прв човек на општина Чаир.
Улицата „Цветан Димов“ се протега од детелинката Бит Пазар до семафорите со улицата „Џон Кенеди“.

Меџити, сепак, вчера беше дециден дека проектот ќе се реализира.