Фреска на ангел, реставрирана со лицето на италијанската премиерка Џорџа Мелони, е отстранета од ѕидот во црква во центарот на Рим по наредба на парохискиот свештеник по негодувањето од политичарите и свештенството.
Еден од двата ангела во римската базилика „Свети Лаврентиј“, во близина на седиштето на владата, се тврди дека е изменет за да изгледа речиси идентично со 49-годишната десничарска челничка, првата жена премиер на Италија.
Фреската ја забележа весникот La Repubblica во саботата и предизвика гнев кај опозициските политичари и неодобрување од кардиналот Балдо Реина, генерален викар на римската епархија (бискупија).
Кога црквата повторно се отвори во среда, ликот кој наликуваше ма Мелони беше избришан, а ангелот остана без глава.
„Секогаш велев дека ако (сликата на Мелони) предизвика поделба, ќе ја отстраниме. Цела поворка луѓе дојдоа да ја видат наместо да слушаат миса или да се молат. Тоа беше неприфатливо“, изјави парохискиот свештеник Даниеле Микелети за италијанската новинска агенција Ansa.
Аматерскиот сликар кој ја реставрирал фреската, Бруно Валентинети, рече дека Ватикан го замолил да ја избрише, според La Repubblica.
Минатата седмица Валентинети ги отфрли коментарите дека ја изменил сликата, велејќи им на новинарите: „Јас го реставрирав она што беше таму пред 25 години“.
Портпаролот на Ватикан одби да коментира, а Римската епархија рече дека ќе издаде соопштение подоцна.
Кардиналот Реина изрази „гнев“ поради инцидентот во саботата, нарачувајќи истрага и предупредувајќи дека „сцените од светата уметност и христијанската традиција не смеат да се злоупотребуваат или експлоатираат“.
Италијанското министерство за култура, исто така, објави истрага, а Мелони се потсмеваше на инцидентот. Таа објави фотографија од контроверзната фреска на платформата на социјалните медиуми Инстаграм со наслов: „Не, дефинитивно не изгледам како ангел“.
Реставрираната фреска првично е создадена во 2000 година и не е заштитено место на наследство. Валентинети е оригиналниот автор на фреската и беше замолен да ја реставрира поради оштетување од вода, рече пасторот Микелети во саботата.