Фудбалерите на Интер се првите полуфиналисти на Купот на Италија откако во средата вечерта го победија Торино со 2:1 во четвртфиналето во Монца.
Домашните поведоа во 35. минута со голот на Анж Бони, а Енди Диуф го зголеми резултатот на 2:0 во 48. минута. Сандро Куленовиќ го врати во живот гостинскиот тим, намалувајќи ја разликата на 2:1 во 57. минута. Торино постигна втор гол во 74. минута, но голот на Матео Прати беше поништен поради офсајд. Во последните минути од натпреварот, гостите притискаа за израмнување но не успеаја.
Интер ќе игра против победникот од натпреварот Наполи – Комо, кој е закажан за 10-ти февруари, во полуфиналето.
Аталанта и Јувентус се среќаваат утре, додека последниот полуфиналист ќе биде познат на 11-ти февруари, кога ќе се соочат Болоња и Лацио.
Четвртфинале:
Интер – Торино 2:1.
Аталанта – Јувентус (5 февруари)
Наполи – Комо (10 февруари)
Болоња – Лацио (11 февруари)
ПОЛУФИНАЛЕ:
Интер – Наполи / Комо
Аталанта / Јувентус – Болоња / Лацио