Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари на 67 долари во четвртокот, бидејќи инвеститорите беа примирен со договорот меѓу САД и Иран за рамката за нуклеарните разговори, со знаци за нормализирање на испораките од Венецуела.
На лондонскиот пазар, попладнево со барелот се тргуваше по 2,24 долари пониска цена од вчерашното затворање на тргувањето, од 67,22 долари. На американскиот пазар, барелот поевтини за 2,18 долари на 62,96 долари.
Засебните пресметки од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОРЕС) покажаа дека барелот од референтната кошничка со сурова нафта на нејзините членки во средата поскапел за 1,42 долари, на 66,65 долари.
Во првата половина од седмицата пазарите беа преокупирани со подготовките за нуклеарните разговори меѓу САД и Иран. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, треба да се сретне со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, в петок но планот беше разнишан од несогласувањата околу локацијата на состанокот и обемот на разговорите.
Деновиве Техеран изјави дека сака директно да преговара со САД, но во Оман наместо во претходно договорениот Истанбул, со цел да се сигнализира континуитетот на претходните рунди преговори и да се спречи евентуално проширување на агендата на теми како што се иранските балистички ракети. Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави во среда вечерта дека разговорите ќе го опфатат и ракетниот арсенал на Иран, додавајќи дека локацијата сè уште не е утврдена.
Потоа висок ирански функционер повторно нагласи дека темата на разговорот ќе биде исклучиво иранската нуклеарна програма. Неколку часа подоцна, американските и иранските функционери објавија дека е постигнат договор за одржување разговори во главниот град на Оман – Мускат.
Пазарите, исто така, ја следат нормализацијата на испораките на нафта од Венецуела, под контрола на САД. Околу два милиони барели тешка венецуелска сурова нафта беа испратени до рафинерии во Шпанија, во сопственост на „Repsol“, покажаа податоците за испораките. Компанијата ја купи нафтата од трговецот „Trafigurа“.
Танкер кој од април минатата година превезуваше горива од Венецуела до Куба заврши со товарење на 150.000 барели бензин оваа седмица, покажа посебен распоред, што потенцијално сигнализира дека Каракас се подготвува да ја испрати пратката до блокираниот остров, кој е под децениски санкции и ембарга од САД. Агенцијата Reuters забележува дека не може да ја потврди конечната дестинација на барелите.