Поранешната македонска ракометна репрезентативка Валентина Радуловиќ се огласи на социјалните мрежи, откако денеска Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против неа за „противзаконито влијание“. Радуловиќ е една од четиримината против кои денеска МВР поднесе кривична пријава поради малверзации и брзо издавање лични документи на граѓани што не сакале да го платат износот со итно издавање документи и сакале преку ред да ја почнат постапката.
Радуловиќ вели дека не е виновна, а целиот случај МВР го темелел на тоа, според неа, дека таа испратила една лична порака до вработен на одделот за пасоши на почетокот на 2024 година, кога имаше застои во издавањето нови лични документи, да ургира на нејзе блиски лица да им бидат побргу издадени пасоши.
„Категорично ги отфрлам обвинувањата за наводно мое инволвирање за незаконски дејствија поврзани со наводно издавање лични документи. Моја лична порака до пријател вработен во мвр на издавање пасоши за ургенција за блиски лица на кои им беше итно потребен нов пасош со новото име некаде на почетокот на 2024 кога имаше застој во издавањето е злоупотребено за моја наводна инволвираност. Мојата пријателска ургенција кон пријател за пријател не ни можев да замислам дека ќе биде злоупотребена во овој контекст за вакво нешто за што читам дека сум инволвирана, и доколку навистина има таква постапка со мое инволвирање ќе ја докажам пред било која институција“, објави Радуловиќ на социјалните мрежи.

Полицијата ја товари Радуловиќ, која е сега професорка во средно училиште во Скопје, дека била дел од организирана група, која за надомест организирала и овозможувала побрзо почнување на постапката за нови документи или за побрзо изготвување на личните документи. Четиримината се товарат за кривични дела направени во периодот февруари-април 2024 година.
Прераспределен полицаец, полицаец од Интервентна единица, професорка и пожарникар
Првоосомничен во кривичната пријава поднесена денеска од МВР е М.С., полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје што бил со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, кое ги издава личните документи, а второосомничен е П.П., полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје. Освен Радуловиќ, како дел од тие што наоѓале граѓани што се подготвени да платат на групата, е и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
Како што соопшти МВР, пријавените во периодот од февруари до април 2024 година, организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист. Според МВР, Радуловиќ и пожарникарот наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П., полицаецот од Интервентната единица.
Тој посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи кај првопријавениот, кој вршел фотографирања и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Целта била нелегалната заработка“
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, се вели во соопштението од МВР.