Сите имаат голема желба за зголемување на минималната плата, но зголемување пред редовното усогласување нема да има, е заклучокот од денешната средба на економско-социјалниот совет.
На седницата на економско-социјалниот совет присуствуваше Претседателот на Владата, Мицкоски, министерот за економија, Дурмиши, претставници на синдикатите и претставници на бизнис-конфедерација на Македонија.
Веднаш по завршувањето на средбата изјави за медиумите имаа министерот Дурмиши и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Дурмиши: Нема основ за интервентно зголемување на минималната плата
– Денеска на петтата седница на економско-социјалниот совет разговаравме за клучни прашања поврзани со пазарот на труд, животниот стандард и социјалниот дијалог. Усогласувањето на ставовите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите останува основен принцип во креирањето на економските и социјалните политики. Го презентиравме напредокот во подготовка на оперативниот план, за вработување за 2026 година со буџет од 2,3 милијарди денари. Фокусот е ставен на младите, на обуките за вештини, за вклучувањето на ранливите категории, особено за лицата со ниско или без формално образование.
Во делот на минималната плата, ставот на Министерството е јасен и заснован на податоци. Според анализите и актуелните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата за месец ноември 2025 година изнесува 0.5%, а на годишно ниво е околу 4%, што укажува на стабилизација на ценовните движења. Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемувањето на минималната плата, туку преку дијалог оставаме тоа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците.
Сепак, според нашите индикатори, во вакви економски услови, нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март, кое е јасно утврдено со закон и кое би било помеѓу 1500 до 2000 денари. Висината на минималната плата се пресметува по транспарентна формула, 50% од растот на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Со гаранција дека таа е може да бид епониска од 57% од просечната нето плата, тоа е механизам усогласен токму на економско-социјалниот совет согласно европските практики. Тоа покажува дека и работодавачите и синдикатите и Владата се согласија со оваа формула.
Нагло и непланирано зголемување, без поврзаност и усогласеност со економските капацитети би создало дополнителен притисок врз малите и средните претпријатија и ризик за работните места, кои се двигател на нашата економија. Нашата цел е минималната плата да расте, одржливо и предвидливо, со што ќе се обезбеди сигурност и за работниците и за економијата. Социјалниот дијалог продолжува и економско-социјалниот совет останува клучна платформа за дијалог, изјави министерот Дурмиши.

Какви услови сака Владата за да се зголеми минималната плата?
На прашање на новинарите дали Владата го прифаќа предлогот на БКМ платата да се зголеми, но придонесите да останат исти, министерот вели дека Владата никогаш не била против зголемување на минималната плата, но дека доколку минималната плата се зголеми, малите ис редните претпријатија ќе се соочат со проблеми.
На прашање на Инфомакс, кои услови треба да се создадат за да се зголеми минималната плата, имајќи предвид дека македонската просечна плата е двапати помала од најниската просечна плата во ЕУ, а 73% од работниците земаат плата под просечната, министерот не одговори конкретно.

– Има формула која е на сила, има методологија која е усогласена со синдикатите и работодавачите, ние ставот го имаме според тој закон што е на сила. Секое интервентно зголемување на минималната плата, без економска оправданост, јас зборувам на релевантните институции, тоа ќе предизвика проблем кадешто ќе имаме зголемување на инфлацијата. Нашите проекции се идната година инфлацијата да биде под 3%, што е стабилизација. Ќе се соочат малите и средните претпријатија со финансиски проблеми, ќе треба да отпуштаат. Доколку има заеднички договор меѓу работодавачите и синдикатите, ние како Влада сме спремни да помогнеме, вели министерот.
Дурмиши не одговори ниту на прашањето дали нашата економија моментално не може да поднесе зголемување на минималната плата.
Минималните плати во регионот
Според Дурмиши, Владата сака минималната плата да биде и 1000 евра, а Македонија има највисока минимална плата во регионот, повисока од Косово, Бугарија, Албанија.
Србија
Минималната плата во Србија од 1 јануари ќе изнесува 650 евра. Претседателот на Србија најави вонредно зголемување на минималната плата од 1 јануари 2026 година, која ќе изнесува 10,1 процент, со што кумулативното зголемување ќе биде повеќе од 30 проценти. „За прв пат во историјата на Србија, ќе имаме минимална покриеност на потрошувачката кошничка не од 100 проценти, туку од 111 проценти.
Ова покажува колку полесно ќе живеат луѓето“, рече Вучиќ.
Бугарија
Минималната плата од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 620 евра, односно 1.213 лева. Ова го објави пратеничката на ГЕРБ-СДС, Деница Сачева, по вонредниот состанок на Заедничкиот управувачки совет (ЗУС), на кој беа разгледани параметрите на трите буџети за 2026 година – државниот, НЗО и ДОО, објави БГНЕС.
Албанија
Албанската влада донесе одлука со која, од јануари минималната плата се зголемува на 50 илјади леки, околу 510 евра или за 100 евра повеќе од досегашната, која беше најниска во регионот. – Од оваа одлука полза ќе имаат околу 307.850 вработени, регистрирани во јавниот и приватниот сектор и има за цел да го заштити животниот стандард, да го зајакне човечкиот капитал и да го подобри животниот стандард за илјадници албански семејства, објави Делина Ибрахимај, министерката за економија и иновации.
Според неа, се очекува зголемувањето на минималната плата да има позитивно влијание и врз намалувањето на неформалноста на пазарот на трудот, како и врз зајакнувањето на почитувањето на законските договори и правата на вработените.
Најавувајќи го ова зголемување, неодамна премиерот Еди Рама, рече дека ова ќе биде првото, но не и единственото зголемување во овој мандат на владата, кога минималната плата ќе достигне 700 евра.
Косово
Привремената влада на Косово го усвои предлогот на Министерството за финансии за зголемување на минималната месечна плата на 500 евра, објави весникот „Газета Експрес“.
Според донесеното решение, сегашната минимална плата од 350 евра ќе се зголемува во две фази – од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од 1 јули истата година ќе достигне 500 евра месечно.
– По анализите што ги спроведовме за влијанието на оваа мерка врз приватниот сектор, врз претпријатијата и врз работниците, имајќи предвид дека околу 150.000 вработени се засегнати од оваа промена, и по консултациите со синдикатите и стопанските здруженија, предлагаме минималната плата да изнесува 500 евра, односно околу 3 евра по работен час, изјави вршителот на должност министер за финансии, Хекуран Мурати.
Покрај оваа мерка, владата го одобри и рекордниот буџет за наредната година, кој предвидува зголемувања во повеќе сектори.
Македонија
Висината на минималната плата во бруто-износ во РС Македонија, започнувајќи со исплатата на платата за месец март 2025 година, изнесува 36.037 денари. Нето платата изнесува 24.379 денари, или речиси 400 евра.
По ноемвриското намалување на Синдикалната минимална кошница (СМК), во декември повторно зголемување на износот што е потребен да преживее четиричлено семејство во Македонија. Кошницата за овој месец е 65.492 денари и е за 319 денари повисока во споредба со минатиот месец.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, најмногу едно семејство одвојува за да се прехрани и тоа 23.648 денари, што е многу блиску до износот на минималната плата во државава која од април 2025 изнесува 24.400 денари. Храната претставува 36,1 отсто од сите потребни издатоци за да се обезбеди минимум живот на едно семејство.
Најниската просечна годишна плата на вработен во ЕУ е двојно поголема од тоа што македонскиот работник го заработува за една година. На пример, во анализата на Euronews, како држава со најниска просечна годишна заработувачка е ставена Бугарија, со 15.387 евра годишно. Просечната плата во Македонија за септември 2025 година во Македонија изнесува 45.466 денари, или на годишно ниво 545,592 денари, односно 8.944 евра.
ССМ: Македонските работници се најсиромашни во Европа
– На барање на ССМ на дневниот ред беше потребата од зголемување на минималната плата, како и потребата од колективно договарање согласно законите за јавен сектор и административни службеници. Тоа што го слушнавме врнатре е лицитирање со потребата за зголемување на минималната плата, 600, 700, 800 дури и 1000 евра. И Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата и нека не викнат нас синдикатите, меѓутоа предлагаме да го направат тоа побрзо, за да не си ја честитаме новата година на друг начин.
Тоа што Македонија има најниска минимална и просечна плата не е доволно, во моментот нема ресположение за зголемување на минималната плата вонредно од 1 јануари, вели Трендафилов кој наведе дека сите соседни држави ја зголемуваат минималната плата и додаде:
– Нова година работниците ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и најсиромашни во Европа, ако тоа е начинот на кој сакаат да честитаат од економско-социјалниот совет, тогаш и ние ќе честитаме на друг начин.
Трендафилов побара поддршка од работниците за синдикатот да може да се избори за достоинствени плати и најави дека доколку не се исполнат барањата на работниците ќе следуваат конкретни мерки и активности.
А. Петровска