На попладневната прес – конференција во Општина Ресен, градоначалникот Јован Тозиевски потсети дека локалната самоуправа реализира еден од најголемите европски проекти – „ЕУ за Преспа“.Камен темелникот на граничниот премин „Маркова Нога“ кој утре ќе го поставиме со владини челници и градоначалникот на Ресен означува нова ера, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Михаил Рокас попладнево за време на посетата на локалната самоуправа во Ресен.
-Членовите на општинскиот совет го покренаа прашањето за визијата на Европската унија за преспанскиот регион и јас сметам дека за Европската унија е важна визијата на локалното население. За граѓаните што живеат во овој регион и за нас како Европска унија е важно да ги преточиме барањата и визијата на граѓаните во дела и активности, а со камен темелникот всушност се обезбедува почеток на тоа што ќе следи понатаму, нагласи амбасадорот Рокас.
Во изјава за медиумите, амбасадорот Рокас истакна дека преспанскиот регион е од витално значење, и не само во Република Северна Македонија, туку и за цела Европа.
-Главниот настан ќе се случи утре кога заедно со градоначалникот и владините челници ќе го поставиме камен темелникот на граничниот премин „Маркова Нога“ и тој чин означува нова ера. Овој регион е од витално значење и не само во Република Северна Македонија туку и за цела Европа и затоа ние заеднички треба да направиме се за да го зачуваме преспанскиот регион. Сите проекти кои сме ги започнале со Општина Ресен се во процес на реализација и во таа смисла искажувам јавна пофалба за градоначалникот, општинскиот Совет и сите претходници за тесната и одлична соработка на општинската власт со Европската унија за реализацијата на сите проекти кои ќе помогнат за зачувувување на преспанскиот регион и се со цел да се промовира еко-туризмот, земјоделството, да се врши интензивна културна размена, односно да се прави од луѓето за луѓето во регионов што е поважно од било кога, истакна амбасадорот Рокас.
– Ние имаме еден од најголемите европски проекти што се одвива и се реализира, а тоа е „ЕУ за Преспа“ кој е со буџет од 20 милиони евра и притоа ќе изградиме седум канализациони системи со прочистителни станици. Исто така имаме повици за проекти од културата, земјоделство, животна средина, туризам и други кои се надевам дека до крајот на годината ќе бидат со успешна реализација. Одржавме одличен работен состанок со амбасадорот Рокас и тоа беше прекрасен вовед пред утрешниот ден, историски момент за нас бидејќи ќе поставиме камен темелник на познатиот граничен премин „Маркова Нога“ кој е од исклучителна важност за овој регион. Со овој чин очекуваме најголем економски и туристички бенефит од отворањето на граничниот премин, посочи градоначалникот Тозиевски.
Освен со градоначалникот Јован Тозиевски, амбасадорот Рокас оствари средба и со општинските советници, кои како што рече амбасадорот Рокас презентирале повеќе иницијативи за развој на Преспа.