2 минути за читање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Цане Милошески (претседател на Општинскиот фудбалски сојуз Охрид – ОФС Охрид) и Никола Цветкоски (секретар на ОФС Охрид) за сторени две кривични дела: фалсификување исправа (член 378 од Кривичниот законик) и друго кривично дело по член 247 од КЗ.
Според пријавата, во текот на 2024 година двајцата во повеќе наврати внесувале неточни и нецелосни податоци во КОМЕТ-системот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за натпревари кои воопшто не се одиграни, како и за лица кои наводно учествувале на тие натпревари, а не биле регистрирани како играчи или судии. Целта била ОФС Охрид да обезбеди свои претставници во органите на ФФМ.
Уште во мај 2025 година, Управниот одбор на ФФМ, по темелна постапка и сознанија од Одделот за интегритет, едногласно донесе одлука за суспензија на ОФС Охрид поради грубо кршење на Статутот и актите на Федерацијата.
Главните причини за суспензијата беа:
Изготвување и употреба на фиктивни записници од натпревари кои никогаш не се одиграни, а се заведени со конкретни резултати;
Во КОМЕТ-системот е заведено дури и лице починато пред повеќе години како учесник на тие натпревари;
Судии дале писмени изјави дека биле внесувани во записници без нивно знаење и согласност, односно воопшто не суделе, а некои од нив дури не се ниту судии;
Целосната „Б“ општинска лига во рамките на ОФС Охрид е измислена и не постои.
Со овие дејствија е нарушен интегритетот на натпреварувањето и довербата во работењето на сојузот.
ФФМ најави дека ќе поднесе дисциплинска пријава против Милошески и Цветкоски до соодветната дисциплинска комисија, со предлог за дополнителни мерки согласно Дисциплинскиот правилник и Статутот.
Цане Милошески и Никола Цветкоски се исклучени од фудбалската организација и им е забрането вршење на каква било функција поврзана со фудбалот.