Владата на 23 декември донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во траење од седум дена. Како причина официјално се наведува неможноста да се набави мазут, енергенс неопходен за дел од производството, поради што државата ќе ги отстапи задолжителните резерви без надоместок, а АД ЕСМ ќе има обврска да доставува извештаи до Владата и до Министерството за финансии за потрошувачката.
Одлуката доаѓа по барање на ЕСМ, кое денови наназад се врзува со блокадите на граничните премини и Коридорот 10 од грчките земјоделци, што ја отежнува испораката на енергенси. Со други зборови, проблемот не е „во теорија“, туку во логистиката: кога мазутот не стигнува, ризикот се префрла директно врз домашното производство и врз стабилноста на системот.
Токму затоа, денешната одлука звучи како институционално признание на состојба која вчера, барем јавно, се негираше. Само ден претходно, министерката за енергетика Сања Божиновска уверуваше дека „нема да има никаква криза“ и дека „нема да има рестрикции“, тврдејќи дека државата располага со доволни резерви на мазут за да го снабди ЕСМ додека траат блокадите.
Кризната состојба, формално, е алатка за да се избегне најлошото сценарио, а не директна објава дека рестрикциите почнуваат „од утре“. Но во земја со свежа меморија на рестрикции, самиот факт што се активира механизам за криза го отвора прашањето што никој не го кажува гласно: дали на маса се и ограничувања во потрошувачката ако блокадите продолжат и ако производството не може да се стабилизира.