Раководството на Ливерпул е во потрага по замената за Александер Исак, кој заработи повреда на мечот против Тотенхем и ќе отсуствува неколку месеци, можеби и до крајот на оваа сезона.
Планот на Црвените е да ангажираат напаѓач со краткорочен договор, до крајот на сезоната, а во игра е и позајмица. Сепак, еден од условите е фудбалерот брзо да се вклопи.
Веќе се размислува за две имиња, а првото на списокот е Мемфис Депај. Холандскиот офанзивец добро се познава со голем дел од фудбалерите на Ливерпул, а и кај него постои расположение за краткорочен договор.
Втората опција е Александер Сорлот од Атлетико Мадрид. Проблемот е што Норвежанецот има договор со Јорганџиите, па размислувањата одат во правец тој да биде позајмен до крајот на сезоната.