Во салата на Советот на Општина Битола денеска се одржа јавна презентација на Деталниот урбанистички план за новиот реонски центар во населбата Нова Битола.
На настанот, граѓаните имаа можност детално да се запознаат со предлог-решенијата и активно да учествуваат во процесот со свои мислења, предлози и забелешки поврзани со планираниот развој на просторот.
Предложениот план предвидува создавање модерен и функционален урбан простор, со изградба на нов спортски комплекс, детска градинка, дом за стари лица, плоштад и повеќе јавни содржини наменети за жителите на овој дел од градот.
Јавната анкета за планот ќе трае до 16 јануари 2026 година, а заинтересираните граѓани дополнителни информации можат да добијат преку официјалната интернет-страница на Општина Битола.