Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните во пресрет на Божиќ, порачувајќи дека Украинците и четврта година по ред, во услови на војна од целосни размери, остануваат заедно во одбраната на она што ги дефинира како народ, домот, семејството, традицијата и надежта за мир.
Во своето обраќање, Зеленски истакна дека Бадниковата вечер е посебен момент што симболизира заедништво и припадност, иако војната веќе четири години се обидува да им го одземе чувството на спокој и семејна топлина.
„Токму тоа денес го браниме, нашата земја, нашите семејства и долгоочекуваниот мир во сопствениот дом“, порача тој, нагласувајќи дека растојанијата и разделеноста не можат да го скршат заедништвото на украинскиот народ.
Зеленски призна дека Божиќ доаѓа во исклучително тежок период, додавајќи дека не сите граѓани вечерва се дома, ниту сите имаат дом, но оти Русија не може да го окупира она најважното, срцето, верата и меѓусебната солидарност на Украинците.
Тој истакна дека Украинците, без разлика дали се во Киев, Одеса, Закарпатската област или во близина на фронтот, Божиќ го одбележуваат заедно, како една голема семејна заедница.
Осврнувајќи се на промените што ги донесе војната, Зеленски рече дека денес не е најважно како е украсен домот, туку како се брани, ниту што има на трпезата, туку кој седи околу неа. Посебно им оддаде признание на војниците кои не можат да бидат со своите семејства, нагласувајќи дека и краткиот повик или пораката „Добро сум“ имаат огромна вредност.
Во обраќањето потсети и на новите масовни руски напади во пресрет на Божиќ, наведувајќи дека биле употребени дронови и ракети, но и покрај тоа порача дека Украина опстојува.
Зеленски изјави дека се моли за украинските војници, за враќање на заробените, за загинатите, за протераните и за сите кои, и покрај тешките околности, не ја изгубиле Украина во себе. Според него, додека верата, човечноста и желбата за живот постојат, злото нема шанса.
На крајот, осврнувајќи се на старото верување дека на Божиќната ноќ небесата се отвораат, Зеленски порача дека сите Украинци денес имаат еден сон и една желба: мир за Украина.
„Се бориме за мир, се молиме за мир и го заслужуваме“, рече тој, честитајќи им Божиќ на граѓаните со пораката: „Христос се роди! Да го славиме!“
По обраќањето, во јавноста се појавија шпекулации дека делот од говорот во кој Зеленски вели „нека тој заврши“ се однесувал на рускиот претседател Владимир Путин, но од кабинетот на украинскиот претседател не беше дадено официјално појаснување.