
Масар Омерагиќ беше единствениот кандидат и беше избран едногласно и со акламација од највисокото фудбалско тело во Македонија. Мандатот го наследува од Мухамед Сејдини, кој ја водеше федерацијата од 2017. Седмиот претседател на ФФМ кандидатурата ја доби на крајот на минатата година, а федерацијата ја водеше до ова собрание, кога доби целосен мандат.
Инаку, станува збор за човек кој со години е дел од фудбалот – прво како фудбалер, а потоа и како фудбалски работник.
По изборот, новиот претседател се обрати пред делегатите и медиумите.
„Не сме тука само да зборуваме за проблемите од минатото, туку да гледаме напред, кон нова визија и стратегија за фудбалот во Македонија. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасна насока, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и ќе ја врати довербата кај сите кои се дел од овој спорт. Нашата визија е јасна: Силен фудбал во Македонија, организиран и конкурентен на сите нивоа“, изјави Омерагиќ.
Со именувањето на Масар Омерагиќ за прв човек на Фудбалската федерација на Македонија, Дрилон Ганиу е избран за генерален секретар на ФФМ.
И Управниот совет ја поддржа идејата и гласаше за двајца потпретседатели на ФФМ, кои ќе бидат Марјанчо Стојковски од ЛКФ Прилеп и Џеват Дибрани од ЛКФ Струга.