Европската унија ќе ја заштити слободата на говорот, изјавија во среда претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, откако САД воведоа забрана за влез на пет европски граѓани, вклучувајќи го и поранешниот комесар на Комисијата, Тиери Бретон.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот воведе забрана за влез на пет европски граѓани, обвинувајќи ги за ограничување на слободата на говорот и прекумерна регулација на американските технолошки гиганти.
Стејт департментот ги нарече петте лица „радикални активисти“ кои водат „организиран напор да ги принудат американските платформи да цензурираат, демонетизираат и потиснуваат американските ставови“.
Рубио претходно напиша за X: „Предолго време, идеолозите во Европа водеа организирани напори да ги принудат американските платформи да ги казнуваат американските ставови на кои се спротивставуваат“. „Администрацијата на Трамп повеќе нема да ги толерира овие скандалозни акти на екстратериторијална цензура“, додаде Рубио.
Рубио рече дека Стејт департментот затоа иницира забрани за патување против она што тој го опиша како водечки личности во глобалниот „цензурно-индустриски комплекс“ и дека листата би можела да се прошири „освен ако другите не го променат курсот“.
Рубио и други американски претставници постојано го критикуваа она што го нарекуваат онлајн цензура во Европа. Коментарите дојдоа откако Европската комисија одлучи да го казни X, во сопственост на милијардерот Илон Маск, со 120 милиони евра поради недостаток на транспарентност.
„Слободата на говорот е основа на нашата силна и жива европска демократија. Горди сме на неа. Ќе ја заштитиме“, тврдеше фон дер Лајен во својата објава на социјалната платформа X.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во средата изјави дека одлуката на Вашингтон е „неприфатлива меѓу сојузниците, партнерите и пријателите“. „ЕУ цврсто стои во одбраната на слободата на изразување, фер дигиталните правила и нејзиниот регулаторен суверенитет“, наведе Кошта на X.
Забраната за патување веројатно ќе ги влоши поделбите меѓу Вашингтон и некои европски престолнини за прашања како што се слободата на говорот, одбраната, имиграцијата, крајната десница, трговијата и војната меѓу Русија и Украина.
Забраните доаѓаат неколку седмици откако САД ја објавија својата стратегија за национална безбедност, предупредувајќи дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и мора да го промени курсот ако сака да остане сигурен сојузник на САД.
Одлуката на администрацијата на Трамп беше осудена и од францускиот претседател Емануел Макрон и германското Министерство за правда.
The post Фон дер Лајен и Кошта: ЕУ ќе ја заштити слободата на говорот appeared first on NetPress.