
Ракот на кожата е една од најлечивите форми на оваа болест, доколку се открие во раните фази. Британските здравствени власти велат дека стапките на рак на кожа се зголемиле за 170% во текот на изминатата деценија и 11% од итни случаи мора да чекаат повеќе од еден месец за да одат на лекар. Компанијата „Skin Analytics“ ја демонстрира својата нова технологија „DERM AI“ во Лондон. Апликацијата за која станува збор работи на повеќето паметни телефони и бара дополнителна леќа која овозможува фотографирање на кожата и речиси инстантна дијагноза. „Процесот е едноставен и јасен. Како што можете да видите, ја отворив апликацијата која ја активира камерата и го избира делот од телото каде што ќе се сликаме. Квалитетот на фотографијата мора да биде што е можно подобар за да биде оценет со вештачка интелигенција. По изборот на најдобрата фотографија, резултатот се појавува за неколку секунди, давајќи детали за тоа што значи. Сликата се зачувува во системот за да се спореди со последователните резултати.
Вештачката интелигенција ја споредува фотографијата направена од кожата на пациентот со библиотека со слики и потоа го дава резултатот. Од компанијата „Skin Analytics“ велат дека „DERM“ има 98,8% стапка на точност во дијагнозата. Нил Дејли, основач и извршен директор на Skin Analytics, објаснува како технологијата зад апликацијата DERM веќе се наоѓа на повеќето паметни телефони. „Можеме да користиме различни паметни телефони за фотографирање на сомнителната површина на кожата. Ние користиме специјална леќа која се прикачува на телефонот за да направиме многу квалитетна слика. „Овој тип на технологија овозможува многу пациенти да бидат видени за кратко време како резултат на достапноста на паметните телефони.
Европскиот регулатор за медицински уреди даде зелено светло за користење на оваа апликација, со што стана првиот автономен уред за вештачка интелигенција овластен за откривање рак. Околу 21 медицински центар во Британија ја користат оваа апликација и тестирале околу 135.000 пациенти. Компанијата Skin Analytics вели дека оваа технологија помогнала да се дијагностицираат повеќе од 13.000 пациенти со рак на кожата. Во развој веќе 12 години, апликацијата DERM со вештачка интелигенција се потпира на голема библиотека на податоци и слики.