
Украинските вооружени сили синоќа соопштија дека собориле 130 руски беспилотни летала во масовен напад на 14 региони во земјата.
Според украинската воена авијација, од 19 часот и 30 минути, Русија лансирала 178 беспилотни летала од типот „Шахед“, како и две балистички ракети „Искандер-М“ од областа Курск.
„Воздушната одбрана беше активирана низ целата земја и успеа да собори 130 беспилотни летала, додека други 38 исчезнаа од радарите, но не предизвикаа никаква штета“, соопшти украинската војска.
Руската офанзива предизвика материјална штета во регионите Днепропетровск, Харков, Одеса, Суми, Чернихив и Киев. Во областа Одеса, нападите предизвикаа пожари и штета на инфраструктурата, а еден цивил е повреден, соопштија локалните власти.