Македонскиот фудбал денес изгуби голема легенда. Почина поранешниот фудбалер Васил Рингов, еден од најголемите асови во историјата на македонскиот спорт.
Роден во Струмица, Рингов уште како тинејџер ги покажа своите исклучителни квалитети во матичната Беласица, а неговиот талент го однесе во белградски Партизан. Вистинската афирмација ја доживеа во Тетекс, каде брзо стана прва ѕвезда и го привлече вниманието на најголемите клубови.
Најсветлите моменти од својата кариера ги имаше во дресот на Вардар, каде одигра над 200 првенствени натпревари и постигна 93 голови, со што се етаблира како еден од најдобрите стрелци во историјата на клубот. Тој беше клучен фактор за враќањето на „црвено-црните“ во Првата југословенска лига и главен протагонист на успесите во 1980-тите години.
Покрај Вардар, Рингов настапуваше и за загрепски Динамо, а имаше и меѓународно искуство во германскиот Ајнтрахт Брауншвајг. Како репрезентативец на Македонија и Југославија, остави неизбришлива трага и останува запаметен како еден од најголемите фудбалери што ги имала оваа земја.