Дебаклот во Кардиф не беше само обичен пораз, туку моментот кој ја запечати судбината на Благоја Милевски. Првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, на новогодишната средба со новинарите „ги отвори картите“ и откри ексклузивен детал дека федерацијата и претходниот селектор Боби Милевски веќе биле на маса за продолжување на соработката!
„Се случи Кардиф…“
Омерагиќ призна дека планот на ФФМ првично не бил смена на селекторот. Напротив, се разговарало за нов мандат. Но, катастрофалниот пораз од Велс со 7-1 беше пресвртницата која го вклучи алармот во „Куќата на фудбалот“.
„Не беше планирано да менуваме. Разговаравме и за продолжување на договорот, но дојде тој последен период и резултатот во Кардиф. Тоа ги промени работите“, искрен беше Омерагиќ.

Десет години иста енергија, време за промена
Претседателот на ФФМ ја образложи одлуката и преку призмата на „заситеност“. Милевски со голем дел од оваа генерација работеше цела деценија, почнувајќи од златната младинска селекција, па се до сениорите.
„Боби со некои од овие играчи работи десет години. Одлучивме дека е време за нова енергија. Милевски имаше одлични резултати, секогаш беше коректен и скромен, но сметавме дека со Гоце Седлоски ќе имаме поголеми шанси во баражот. Дали е правилен избор ќе видиме, во спортот нема гаранции“, додаде првиот човек на македонскиот фудбал.
Сега топката е кај Седлоски, кој има тешка задача да ја врати самодовербата на тимот по најтешкиот пораз во поновата историја и да ја нападне шансата за Светско првенство преку баражот.
Следете нè: Facebook | Instagram | X