
Скопје, 16 март – Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги одложи сите денешни натпревари во сите категории поради трагедијата што се случи во Кочани.
Во пожарот што избувна во ноќен клуб во Кочани има многу жртви, а неколку лица се борат за живот, па од ФФМ се изјаснија дека во овој момент нема место за фудбал.
„Длабоко сме шокирани од трагедијата во Кочани, каде животот го загубија многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и роднините на жртвите. Изразуваме најдлабоко сочувство и поддршка“, се вели во соопштението на ФФМ.
Одложени се и натпреварите од редовното коло во македонската Втора лига, кои требаше да се одиграат попладне.